Членка на АСОМ инвестира во локален спорт: Спорт-Лаиф“ и Општина Илинден со заедничка поддршка за младинскиот фудбал

Sport Life

Преку поддршка на развојот на младинскиот фудбал и спортските капацитети во Општина Илинден, компанијата „Спорт-Лаиф“, членка на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), го проширува своето портфолио на општествено одговорни иницијативи.

„Спорт-Лаиф“ и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, потпишаа меморандум за соработка со цел унапредување на спортот во општината, со посебен акцент на фудбалот.

Меморандумот предвидува заедничка заложба за подобрување на условите за работа на фудбалските клубови и развој на младинските категории. Компанијата „Спорт-Лаиф“ ќе обезбеди финансиска поддршка за основање на нов фудбалски клуб „ФК Илинден“, додека Општина Илинден ќе ја покрие котизацијата кон Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за учество на клубот во официјалните натпреварувања.

Дополнително, Општина Илинден ќе обезбеди и терени за тренинзи и натпревари, и ќе ги покрива трошоците за нивно одржување и уредување. Од своја страна, „Спорт-Лаиф“ ќе вложува во развојот на младинскиот фудбал и спортската инфраструктура, со фокус на поддршка на фудбалските клубови и унапредување на нивниот натпреварувачки капацитет.

„Меморандумот претставува конкретна основа за понатамошен развој на спортот во општината и ќе им овозможи на младите да се развиваат и да се натпреваруваат на повисоки нивоа“, изјави градоначалникот Георгиевски.

Соработката создава услови за поорганизиран развој на фудбалот на локално ниво, со долгорочна цел – стабилна спортска инфраструктура и поддршка за младите спортисти во Илинден.

Оваа иницијатива е уште еден пример за тоа како компаниите членки на АСОМ придонесуваат за конкретен и одржлив развој на спортот. Поддршката за младинскиот спорт и спортската инфраструктура е дел од пошироката заложба за општествено одговорно делување, кое има реално влијание врз младите луѓе.