Илијевски од Белград: АСОМ ќе ги искористи сите расположливи механизми да ја заштити легалната индустрија на игри на среќа

Новиот предлог Закон за игри на среќа кој е во собраниска процедура носи опасност од затворање на легалната индустрија на игри на среќа во Македонија, ова го истакна претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија(АСОМ), Васко Илијевски пред своите колеги од индустријата за време на традиционалниот Саем на игри на среќа „BELGRADE FUTURE GAMING 2023“ кој минатата недела се одржа во Белград.

Претседателот на АСОМ ја искористи можноста на саемот пред претставниците на индустријата на игри на среќа од повеќе балкански земји да ја презентира незавидната ситуација во која индустријата на игри на среќа во земјава се наоѓа, но и активностите кои АСОМ ги презема за да се спречи носењето на новиот предлог Закон за игри на среќа.

-„АСОМ ги презема сите расположливи мерки за да ја заштити легалната индустрија на игри на среќа која е сериозно загрозена. Ние и нашите вработени ги користиме сите механизми за да го стопираме носењето новиот предлог закон, кој ќе значи оставање на улица на 10 000 луѓе кои чесно заработуваат и придонесуваат за општеството. Во повеќе наврати предупредивме дека новите предлог измени и ќе предизвикаат непоправливи  економски штети за целата држава, со тоа што на конец ќе виси и работата на 54 000 граѓани кои соработуваат со нашата индустрија.“- истакна Илијевски пред присутните.

Освен за кризната ситуација во која индустријата на игри на среќа во земјава се наоѓа Илијевски за време на саемот на игри на среќа во Белград говореше и за позитивните искуства на асоцијацијата реализирани преку кампањите за општествена одговорност како „Играј одговорно“ и „Вложуваме во млади таленти“.

„Нашите цели и заложби за безбедно спортско обложување, грижа за нашите играчи и за општеството во целост ги реализираме преку имплементација на разни кампањи преку кои ја подигнуваме свесноста за одговорно конзумирање на игрите на среќа, но и преку кои даваме позитивен пример за важноста за инвестициите во заедница во која делуваме.“- потенцираше Илијевски.

За време на тридевниот саем „BELGRADE FUTURE GAMING 2023“  кој се одржа по 16 пат на Белградскиот саем беа претставени технолошки и софтверски иновации од околу 40 изложувачи од повеќе европски земји и истиот претставуваше одлична прилика за размена на меѓународни искуства во насока на унапредување на состојбата на индустријата на игри на среќа.