Илијевски од Софија: Подигнување на свесноста за одговорното спортско обложување е приоритет во работата на АСОМ

Aсоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија се залага за одговорно спортско обложување и едукација на играчите дека спортското обложување е начин за игра и забава, а не начин на живот – истакна претседателот на АСОМ Васко Илијевски на Источноевропскиот самит за игри на среќа кој се одржа во Софија од 22-ри до 24-ти ноември.

На самитот на кој присуствуваа над 250 учесници од 22 земји Илијевски имаше свое обраќање на панелот на тема „Одговорно играње“, заедно со генералниот секретар на Европската организација за закони за игри на среќа Зоран Пухач, како и претставници на индустријата од Бугарија, Црна Гора и БиХ. Тој пред присутните истакна дека програмите за едукација на вработените и играчите за почитување на законите и правилата, за важноста на одговорно спортско обложување и подигнување на свесноста кај играчите се приоритети на АСОМ.

„Спортското обложување треба да биде начин за забава додека се следи натпреварот на омилениот тим, а не стил на живот или професија со заработка од која би се очекувало финансиско издржување. Токму затоа АСОМ во нашата земја организираше и кампања за одговорно обложување преку која се промовираа нашите цели и заложби- безбедно спортско обложување, грижа за нашите играчи и за општеството во целост.“ – истакна претседателот на АСОМ Васко Илијевски. 

Илијевски во своето обраќање потенцираше дека кампањата „Играј одговорно“, е една од првите од овој тип во регионот и е основана на седум главни препораки преку кои се поттикнува свесноста на играчите за одговорно обложување. Станува збор за препораки за играчите да не се обложуваат со средства кои не можат да си ги дозволат, да не се обидуваат да ја надоместат загубата, да си постават граница за пари и време кое ќе го посветат на спортско обложување, без притоа да ги занемаруваат редовните работни и животни обврски. Играчите преку кампањата се предупредуваат да не се обложуваат кога се депресивни или вознемирени или пак под дејство на алкохол.

Претседателот на АСОМ меѓудругото ги информираше присутните декa Република Северна Македонија сѐ уште е единствената земја во регионот која нема он-лајн игри на среќа и ги истакна економските придобивки за државата од он-лајн игрите на среќа како и придобивките за приредувачите во насока на одржливост на индустријата и зачувување на работни места.