Илијевски од АСОМ: Не смееме да застанеме на првите 53 – активни се илјадници нелегални онлајн обложувалници

Vasko Ilijevski, pretsedatel na ASOM

Од овој месец згаснаа 53 интернет-платформи или апликации што нелегално приредувале игри на среќа на територијата на Македонија. Доколку се обидете да пристапите на некоја од овие онлајн обложувалници ќе ве пречека порака обоена во црвено: Пристапот е блокиран.

„Оваа веб-страница или веб-апликација е блокирана согласно член 19 точки 1) и 5) од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, а согласно член 158 точки 1) и 2) од Законот за игрите на среќа и за забавните игри ако физичкото лице учествува во странски игри на среќа, во кои влоговите се уплаќаат на територијата на Република Северна Македонија или учествува во игри на среќа или забавни игри кои се приредуваат без издадена лиценца, односно дозвола се изрекува глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност“, стои на страниците за игри на среќа што се блокирани.

Овој потег, со кој за првпат се активираат механизми за борба против нерегулираните дигитални обложувалници предвидени во законски измени на Законот за електронските комуникации, претставува важен сигнал за институционален одговор во справување со долгогодишниот проблем што директно ги погодува легалните приредувачи на игри на среќа, буџетот на државата и правната сигурност на корисниците.

Од АСОМ – Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, која ги обединува најголемите лиценцирани приредувачи на игри на среќа и претставува околу 95% од легалниот пазар, ја поздравуваат оваа одлука на Министерство за дигитална трансформација како чекор во вистинска насока.

Но, од АСОМ јасно укажуваат дека ова не смее да биде изолиран потег, туку почеток на систематска и доследна примена на законот за сите, без исклучок.

Во интервју со претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, зборуваме за тоа зошто одлуката на Министерството е важна, но и зошто борбата против сивата зона во интернет обложување допрва треба да се води – до крај.

Блокирањето на 53 интернет платформи за нелегално приредување на игри на среќа беше најавено како голем чекор напред. Како го гледате овој потег од перспектива на легалната индустрија?

Илијевски: Одлуката на Министерството за дигитална трансформација за блокирање на 53 нелегални платформи ја поздравуваме како конкретна имплементација на одредбите од Законот за игрите на среќа и за забавните игри и Законот за електронски комуникации. Тоа е прв пат да видиме системски чекор во оваа насока, што е важно – не само симболично, туку и суштински.

Сепак, треба да бидеме реални дека ова е само почеток. Проблемот со нелегалните онлајн приредувачи е хроничен и бара долгорочен, координиран пристап. Овие 53 платформи се дел од многу поголема слика. Според нашите сознанија, активни се илјадници домени кои работат нерегулирано, често прикриено или постојано се реактивираат под нови имиња и адреси. Дополнително, како Асоцијација апелираме за построга контрола врз спроведувањето на овие законски одредби и од страна на телекомуникациските оператори. Според нашите информации не сите оператори ги имаат блокирано веб-страните за кои е издаден налогот од Министерството за дигитална трансформација.

Важно е процесот да не запре тука. Она што го очекуваме како Асоцијација е оваа акција да добие континуитет, да се гради систем за редовна идентификација и блокирање на нелегални страници, и тоа со јасни критериуми, јавни листи и редовно информирање на јавноста.

Тука сакам да истакнам дека знаењето и техничката подготвеност на членките на АСОМ, стекнати преку секојдневно следење на дигиталните текови поврзани со игрите на среќа, може да бидат корисни за институциите во напорите за поефикасно идентификување и ограничување на пристапот до интернет-платформите што работат надвор од законската рамка.

Во таа насока, стоиме на располагање за размена на информации и стручна поддршка, со цел да се овозможи навремен, точен и сеопфатен пристап до релевантни податоци што би го поддржале доследното спроведување на овие законски измени.

Vasko Ilijevski, pretsedatel na ASOM

Имајќи предвид дека Владата веќе ги укина онлајн платформите за игри на среќа во кои удел имаа Државната лотарија и Државната видеолотарија, дали сметате дека процесот на регулирање на оваа област продолжува со доследност?

Илијевски: Одлуката на Владата да ги укине платформите што беа во мешовита сопственост на двата државни субјекти е чекор што исто така треба да се поздрави. Тоа ја покажува подготвеноста институциите да дејствуваат и кога прашањето е чувствително – особено ако се работи за компании во кои и државата има удел.

Сепак, останува неразјаснета состојбата околу платформата MegaWin.mk, која сè уште е активна и достапна на територијата на Македонија. И покрај тоа што јавноста беше информирана дека Владата побарала информација од Државната лотарија за нејзиното функционирање, досега немаме одговор дали е постапено и дали се преземени конкретни мерки. Она што го очекуваме е истата законска рамка и критериуми да важат подеднакво за сите. Не смееме да дозволиме селективна примена – ниту од технички, ниту од политички причини.

Како АСОМ, отсекогаш сме се залагале за вистинска регулација на пазарот на онлајн игри на среќа, по неодамнешните одлуки – и автентичното толкување на Собранието и одлуката на Владата, уште повеќе. Компаниите во индустријата и оние кои ги претставува АСОМ се високо професионални и доследни кога станува збор за делување исклучиво во рамки на законите и затоа и инсистираме на ова.

Верувајте дека нашата индустрија е една од најдобро регулираните индустрии. Секако, унапредување на легислативата е процес кој треба да се прави и ние апсолутно ќе го поддржиме тоа и стоиме отворени за споделување на нашите анализи и предлози во таа насока.

Да се повикаме на добри практики од Грција, каде уште од 2013 година се објавува т.н „црна листа“ на нелегални онлајн обложувалници. Како гледате на ова искуство и што може Македонија да научи од него?

Илијевски: Искуството на Грција е поучно за нас. Тие досега успеаја да идентификуваат над 10 илјади нелиценцирани веб-страници за обложување, што покажува дека со континуирана и систематска работа, можно е да се намали влијанието на нелегалните оператори.

Оваа стратегија вклучува соработка меѓу регулаторните тела, интернет провајдерите и финансиските институции, што е клучно за ефективна имплементација. За Македонија, ова значи дека не треба да се задоволиме со еднократни акции, туку да воспоставиме постојан механизам за следење и блокирање на нелегалните платформи, кои како што напоменав се бројат во илјадници.

Од јавно достапните податоци знаеме дека листата што ја објавува Комисијата за надзор и контрола на коцкање во Грција постојано се надополнува, а она што дополнително треба да ги одврати играчите од пристапување кон овие онлајн веб-страници е и информацијата дека според истражување на Комисијата, многу играчи што ги користат ваквите веб-страници се соочиле и со тешкотии во собирањето на своите добивки.

Има ли уште некој елемент кој институциите може да го применат во насока на поефикасно постапување за ограничување на влијанието на нелегалните онлајн игри на среќа?

Илијевски: Во повеќе земји, борбата против нелегалните онлајн игри на среќа не се води само преку блокирање на пристапот до интернет апликациите, туку и преку контрола на финансиските трансакции. Банкарскиот сектор треба да има улога во спречување на уплати кон платформи што не се лиценцирани, односно кон субјекти што не се во системот на контрола.

Впрочем како ќе се примени член 158 точки 1) и 2) од Законот за игрите на среќа и за забавните игри ако физичкото лице учествува во странски игри на среќа, во кои влоговите се уплаќаат на територијата на Македонија или учествува во игри на среќа или забавни игри кои се приредуваат без издадена лиценца, односно дозвола се изрекува глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност, доколку банкарскиот сектор не информира за обиди за уплати кон платформи кои не се лиценцирани.

Ако сериозно сакаме да го решиме проблемот, мора да се отвори и тоа прашање. Конечно, граѓаните што играат на нелегални страници не само што се изложени на ризик од измама, туку и се дел од систем што ја заобиколува државата, буџетот и секој облик на одговорност.

*Интервјуто со Васко Илијевски, претседател на АСОМ, е објавено во „Фокус“ на 26.05.2025