Илиjевски: Не ни требаат законски решенија кои затвораат индустрии, туку државна поддршка да го застанеме на нозе стопанството и економијата

Претрпевме штета од затворањето на уплатно-исплатните места, но на работа ги задржавме сите вработени. Во време кога економијата се соочува со вистински предизвик поради ковид кризата, спортските обложувалници во земјава имаа значаен придонес за домашниот буџет во месеците по отворањето. Првиот човек на Асоцијацијата на спортски обложувалници Васко Илијевски во интервју за Фактор вели дека само од мај до крајот на август тие придонеле со 600 милиони денари во државниот буџет, по сите основи од работењето. Дополнително во инустријата на игри на среќа се вработени скоро 8.000 луѓе, околу 4.500 само кај приредувачите на игри на среќа во обложувалница, а целата индустрија поддржува околу 54.000 работни места. Пред кризата се предлагаше нов закон за игри на среќа со кој се предвидуваше оддалечување на објектите од воспитно образовните установи. Илијевски е категоричен дека иако ваков закон не предвидува затворање, де факто тоа ќе се случи. Вели дека како држава, најмалку ни требаат законски решенија кои затвораат стопански гранки, сега ни треба силна државна поддршка и взаемна соработка која ќе го застане на нозе стопанството и ќе помогне што побрзо и што побезболно да ја надминеме кризата и да ги минимизираме ефектите од неа.

Ковид кризата сериозно го погоди бизнис секторот насекаде во светот, па и кај нас. Со воведувањето на рестрикциите на почетокот на кризата, вие, заедно со угостителите, бевте првите индустрии кои беа затворени како дел од мерките за превенција за заштита од ширење на вирусот. Какви последици имаше затворањето врз работењето на индустријата на игри на среќа во обложувалница?

Илијевски: Спортските обложувалници беа меѓу првите деловни субјекти кои беа опфатени со рестриктивните мерки на Владата. Прво, беше донесена одлука спортските обложувалници да работат со скратено работно време, но набрзо потоа, на 14 март обложувалниците беа целосно затворени. Останавме затворени до 13 мај, кога Владата донесе одлука за повторно отворање на уплатно-исплатните места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница, со посебно утврдени протоколи за работа. Но, работата на обложувалниците и пред затворањето беше значително отежната.

Пандемијата која го погоди светот ги откажа и одложи спортските натпревари, па така практично и да немаше пласман за нашите играчи. Големите загуби на индустријата од Ковид кризата се рефлектираа насекаде во светот и навистина ќе биде потребно долго време да се надоместат. Во локален контекст, членките на АСОМ и покрај „ударот“ покажаа висока општествена свест и целосно разбирање за одлуката на Владата за затворање, како начин за превенција од ширење на вирусот во земјата.  Ние во ниту еден момент не вршевме притисок, напротив и како Асоцијација и како членки поединечно понудивме помош и делувавме преку општествено одговорни проекти.

Имате ли пресметки, колку ја чинеше индустријата затворањето на уплатно –исплатните места?

Илијевски: Секако, загубите од неработењето за нас се големи, но истовремено исто толку големи се и загубите во државната каса кои во нормални услови ги исплаќаме по различни основи. Пред се би сакал да потенцирам дека на 13 мај членките на АСОМ ги вратија на работните места сите свои вработени, вложија и постојано вложуваат дополнителни средства за целосно усогласување на објектите со протоколите и мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Тие предвидуваат и значително намалување на капацитетите кои им се на располагање на посетителите, но не и намалување на бројот на работните места.

Ние направивме пресек колку сме придонеле во државниот буџет од повторното отворање на 13 мај заклучно со 31 август 2020. Станува збор за сума од повеќе од 600 милиони денари по сите основи на работењето. Посебна давачка од 20 проценти плус 3 отсто, друга посебна давачка од 4 проценти за онлајн обложување, персонален данок од игри на среќа, персонален данок од кирии, придонеси за плати, платено ДДВ кон државата, платено ДДВ кон добавувачи, аконтации од данок на добивка.

Пред кризата, актуелни беа предлог измените на Законот за игри на среќа кои предвидуваа дислоцирање на објектите во кои се приредуваат игрите на среќа, односно нивно оддалечување, од училиштата, факултетите, универзитетите… И тогаш бевте „гласни“ во одбрана на ставовите дека тоа би било погубно и за индустријата и за државата. Ковид кризата, но и изборниот процес ја одложи дебатата за измените на законот. Сега очекувате новата Влада да има „слух“. До каде е процесот?

Илијевски: Ние многу пати досега сме го споменувале фактот, дека индустријата на игри на среќа е силен импулс во државната економија. Ние сме индустрија која плаќа високи даноци, придонесува со вкупно една четвртина милијарди евра во државниот буџет. Конкретно, индустријата на игрите на среќа има високи 4 проценти удел во бруто-домашниот производ. Во републичкиот и локалните буџети во  2018 година се влеале вкупно 253 милиони евра благодарение на нашата работа. Ова се пари кои се користат директно за потребите на сите граѓани во државава.

Нашата индустрија позитивно влијае и врз развојот на други стопански гранки, преку зголемување на обемот на производство на своите добавувачи, или поконкретно  индустријата за производство на мебел, електрична опрема и уреди, компјутерска и телекомуникациска опрема, развој на софтвер, набавка и одржување на возниот парк и слично. Ова се пари кои се слеваат во други дејности и придонесуваат за стопански развој во земјата. Воедно, индустријата на игри на среќа вработува скоро 8.000 луѓе, или околу 4.500 само приредувачите на игри на среќа во обложувалница, а целата индустрија поддржува околу 54.000 работни места.

Иако де јуре таквиот закон не предвидува затворање, де факто тоа ќе се случи. Тоа ќе значи буквално бришење на цела една стопанска гранка, илјадници луѓе ќе останат без работа, а државата би ги загубила средствата кои по основ на даноци и други давачки се слеваат во државната каса. Дополнително, ова предлог решение од регулирана индустријата ќе направи нерегулирана и ќе го отвори патот на нелегалното обложување. Земјите кои воведоа забрана на игрите на среќа, придонесоа кон создавање на „црн пазар“. Имаме такви примери во соседството, каде целосно се забранија игрите на среќа, но обложувањето, а тука би ги споменал и сите други форми на игри на среќа, и натаму продолжија да се организираат, но на нелегален начин. Со ова државната каса трпи загуби, играчите се доведуваат во опасност и се отвара цело ново поле на нелегални активности. Ние имаме одлично регулирана индустрија со прецизни закони и без сиви зони. Ова не смее да се наруши и ние на таков закон остро ќе се спротиставиме.

Од друга страна, европските земји воопшто не размислуваат за забрани. Ние сме земја која цели кон Европската Унија, а тоа значи дека треба да ја следиме европската регулатива и закони кои значат квалитетно регулирање на игрите на среќа. Во ниедна земја членка на ЕУ ваков закон каков што беше предложен не постои и сметам дека тоа не треба да биде случај ниту кај нас.

Дополнително, од оваа перспектива, со ковид кризата која силно ја погоди државната екомонија, мислам дека вакво законско решение би имало катастрофални последици. Јас верувам дека оваа Влада нема да направи нешто што ќе значи дополнителен удар за кревката економија, на веќе и така големите последици од кризата. Нам сега како држава, најмалку ни требаат законски решенија кои затвораат стопански гранки, напротив ни треба силна државна поддршка и взаемна соработка која ќе го застане на нозе стопанството и ќе помогне што побрзо и што побезболно заедно да ја надминеме кризата и да ги минимизираме ефектите од неа.

Според извештаите на заводот за вработување неколку илјади вработени, по различни основи, останале без работа од почетокот на кризата.  Бевте затворени, вработените останаа дома. Дали вие отпуштивте вработени и како во изминативе месеци ги подмиривте платите на вработените?

Илијевски: Не беше лесно да се одговори на предизвикот. Имате вработени од чии примања зависат цели семејства. Од друга страна, ниту знаете колку ќе трае пандемијата, ниту знаете колку време ќе останете затворени. Ние аплициравме за владината помош за исплата на плати за април, мај и јуни. Но мартовската плата и давачките кон државата ги исплативме во целост иако не работевме повеќе од половина месец. Не отпуштивме ниту еден вработен и горди сме на тоа што успеавме да го пребродиме овој тежок период. Со ова дадовме и голема поддршка за граѓаните и Владата во напорите да се зачуваат работните места. 

Од аспект на измените кои ги споменавме, образложението зошто се бараа се спречување на развој на зависности од обложување кај младите. Како вие го толкувате ова и што конкретно предлагате во насока на превенција?

Илијевски: Согласно постоечкиот Закон, прашањето за забрана за учество на малолетни лица во игрите на среќа и забрана за влез во просториите во кои се приредуваат игри на среќа е целосно регулирано. Во член 20 став 1 од Законот е пропишано дека лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа,  а казните за непочитување на овој член се високи. Дозволете да истакнам дека ние апсолутно немаме никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помлади од 18 години. Доследно го спроведуваме законот, а како Асоцијација сме подготвени да прифатиме и построга контрола и построги казни за прекршување на овој закон. Ние се залагаме за одговорно обложување, сигурно и безбедно опкружување за нашите играчи и одржливо деловно опкружување за индустријата. Насоката во која треба да размислуваме не е законот, туку по примерот на земјите во ЕУ, вклучување на професионални организации и поединци и развој на програми за едукација и превенција, како и развој на програми на таканаречено одговорно приредување на игрите на среќа.

Токму во таа насока, ние многу скоро, под слоганот Играј Одговорно ќе започнеме кампања за подигнување на свесноста за одговорно обложување. Сакаме да укажеме на тоа дека спортското обложување е начин за игра и забава, дружење со пријателите, а не начин на живот и решавање на егзистенцијални проблеми. Наспроти верувањата кај некои дека нашата индустрија има интерес од играчите кои трошат многу и стекнуваат зависности, реалноста е сосема поинаква. Индустријата воопшто нема интерес од ваквото играње и силно го стимулира играњето за забава со мали влогови а со тоа и одржливоста на целата оваа гранка.

Во април годинава Владата донесе уредба со која се овозможи он-лајн спортско обложување преку македонските спортски обложувалници. Кои се придобивките за вас и за државата од оваа уредба?

Илијевски: Кај нас многу малку се пишуваше за тоа дека он-лајн обложувањето, согласно член 19 од Законот за игри на среќа на странските сајтови е забрането, а играчите сепак практикуваа и он-лајн обложување на странски сајтови. Ваквиот начин не гарантира никаква безбедност во однос уплатите и исплатите за играчите.Од друга страна он-лајн обложувањето на сајтовите на домашните обложувалници е безбедно, а нашите членки  ги адаптираа нивните услуги за потребите на играчите.

Факт е дека достапноста на интернетот и модерната технологија овозможија лесен пристап на странски он-лајн сајтови за обложување, а сé до носењето на уредбата домашните обложувалници немаа законска можност да воспостават ваков тип обложување. Со нелегалното он-лајн обложување на странските сајтови, државата нема контрола врз обложувањето, а парите за данокот, наместо во буџетот, се одлеваат надвор од државата. Според некои проценки станува збор за одлив од 40 до 50 милиони евра, а ова се средства кои се од значаен интерес за домашната економија, одржувањето и отворањето на нови работни места и инвестиции. Министерството за финансии, повикувајќи се на истиот член од Законот за игри на среќа (член 19) преку допис, веќе ги извести странските приредувачи на игри на среќа кои нелегално и без лиценца приредуваа он-лајн обложување дека е забрането учество на граѓаните на Република Северна Македонија кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа.  И сега, доколку Управата за јавни приходи утврди прилив на парични средства од учество во игри на среќа кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа, тоа подлежи на високи парични казни за играчите. Ние како Асоцијација ја поздравивме оваа уредба на Владата, земајќи во предвид дека таа дојде во вистински момент како соодветен одговор на корона кризата и навистина помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува индустријата на игри на среќа.

Развојот на модерната технологија едноставно ја наметнува потребата од постоење на он-лајн игрите на среќа кои секаде во светот се застапени, а се покажа и дека играчите во Македонија истата ја прифатија. Сето ова покажува дека е повеќе од потребно сегашната уредба да помине и во трајно законско решение.

Дали сè уште е актуелно барањето на дел од политичките партии за оддалечување на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа на одредено растојание од објекти во кои се врши воспитно образовна дејност?

Илијевски: Како Асоцијација ги следиме сите насоки и заложби за одговорно обложување во светски рамки и досега, во Европа и во светот, не сме сретнале ниту едно релевантно истражување кое на било кој начин би ја поврзала близината на објектите за игри на среќа со било каков вид на патолошко однесување. Оддалечувањето на објектите на растојание во населени места со многу мала површина, какви што се во нашата земја, е сосема неоправдано и доколку се инсистира на оддалеченоста,  тоа ќе доведе до директно затворање на речиси сите објекти на игрите на среќа, големи загуби за економијата, а притоа тоа нема да реши никаков проблем. И во однос на регулативата на развиените европски земји, мора да се истакне дека нема член од закон во земјите од ЕУ кој се однесува на оддалеченост на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа од училишта, универзитети. Законите на развиените земји немаат таков вид ограничувања, бидејќи одамна утврдиле дека растојанието не е поврзано со учеството на малолетни лица во игрите на среќа, а сите современи решенија одат кон целосна забрана за пристап и учество за малолетници и санкционирање на прекршителите.  Така, ниту една европска земја не ја разгледува можноста за забрани, туку квалитетно регулирање на индустријата, за што впрочем се залага и АСОМ. Оттаму, нашиот став од самиот почеток е јасен, оддалечување на објектите не е ефикасно и е неприфатливо за нас. Ние сме подготвени за дополнително покачување на казните за приредувачите кои ги кршат законите бидејќи имаме интерес да се работи регуларно и согласно закон како што всушност и работиме. Ќе поддржиме финансиски програми и проекти за едукација и превенција кои може да бидат дури и дел од законските решенија бидејќи тоа е единствениот ефикасен начин за да влијаеме позитивно врз евентуални негативни последици од игрите на среќа. Но законски решенија кои нанесуваат штета на компаниите и економијата, а не решаваат никаков проблем нема да прифатиме.

Што доколку сепак Владата реши да носи нов закон, што за вас би било прифатливо од старите предлози? Или пак треба ново решение и какво?

Илијевски: Креирањето на законски решенија, секако мора да ги има предвид сите засегнати страни, и апсолутно потребно е да биде вклучена Асоцијацијата од самиот почеток на тој процес. Тоа е неопходно за да се донесе закон и законски решенија кои ќе бидат од интерес на сите чинители и ќе ги опфатат сите аспекти, за да не се доведуваме во ситуација да треба да се менува често или да се прилагодува кон законите на ЕУ. Ние сме целосно отворени и ги имаме потребните капацитети и знаења да дадеме целосна поддршка во создавање на добар европски закон. Законот секако мора да биде европски, ефикасен и применлив закон кој ги штити играчите, индустријата, а не закон кој значи затварање на индустријата, и во крајна линија – закон кој ги штити инвестициите и економијата, се разбира со целосна заштита на малолетните лица. Клучно е да имаме долгорочно и целосно осмислено законско решение од сите аспекти, и апсолутно е неприфатливо да прифатиме закон кој е насила донесен преку ноќ или пак поднесен од неколку пратеници како што тоа беше случај во минатото. Тоа е опасно, неодговорно и во крајна линија не штити граѓански интерес, туку индивидуални бизнис интереси на поединци кои на нефер начин сакаат да ја уништат конкуренцијата. На ваков евентуален пристап кој лично не верувам дека ќе биде случај, остро ќе се спротивставиме. Ние досега имавме отворен и транспарентен однос со сите институции и така ќе продолжиме да работиме во иднина. Иако постоечкиот закон според нашето мислење е сосема добар, доколку се отвори дискусија за измени на законот секако дека ќе бидеме тука да разговараме и да ги слушнеме сите идеи и предлози, како и да ги соопштиме нашите ставови.

Повторно сте отворени речиси пет месеци и фунционирате под посебни протоколи. Но пандемијата не е завршена, а есенските месеци се најавуваат како критични. Не се зборува за затворање, напротив властите апелираат на почитување на мерките за да се превенираат карантини и прекин на работа на стопанството, што би довело до серизони економски последици. Не можеме да зборуваме долгорочно, не знаеме колку ќе трае пандемијата, но како вие гледате на вашата работа во блиска иднина?

Илијевски: Уплатно-исплатните места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница со одлука на Владата повторно се отворија на 13 мај. Работиме веќе 5 месеци непречено и целосно ги почитуваме протоколите за работа, донесени од страна на Комисијата за заразни болести. Немаме прекин на работата во ниту еден од објектите на нашите членки заради Ковид-19.  Ние навистина покажаваме дека и во услови на пандемија, индустријата може да работи, ако доследно се почитува пропишаното. Ние во целост ја разбираме загриженоста на властите за евентуалното зголемување на бројот на заболени во текот на есента, но исто како и Владата, сметаме дека повторно затворање ќе значи колапс за сите. Ние како Асоцијација продолжуваме во целост да ги почитуваме протоколите за работа, здравјето и безбедноста на нашите вработени и играчи е највисок приоритет. Мора да бидеме свесни дека ќе живееме со вирусот и понатаму. Мора да го прифатиме тоа и да продолжиме да живееме и работиме по нови правила. Колку ќе трае кризата, никој не може да знае. Ќе кажам многу генерално, за целото стопанство, за целиот бизнис сектор – важно е да го одржиме бизнисот, да ги задржиме вработените, да обезбедиме стабилност за себе, но и за државата. 

Споменавте дека бевте соочени со загуби, државата повикуваше и на солидарност, вие како придонесовте?

Илијевски: Нашиот влог во заедницата го надминува монетарниот придонес во државната економија. Како индустрија ние имаме голема социјална и економска вредност, а нашата политика на општествено одгворно делување се заснова на одговорен пристап во сите сегменти од работењето – кон вработените, играчите, добавувачите, животната средина и заедницата во целост. Ние делуваме транспарентно, работиме одговорно, создаваме услови за работа и кариера и силно веруваме дека е важно да се биде партнер со општеството и државата и да се помага секогаш кога е тоа потребно.

Во тој контекст, би сакал да потсетам дека од индустријата на игрите на среќа, 3 отсто од приходот се издвојуваат за Агенцијата за млади и спорт, кои се директна инвестиција за развој на спортот и младите земјата.

Освен тоа, ние како Асоцијација, но и членките поединечно постојано реализираме општествено одговорни проекти, многу често и како одговор на кризни состојби. Тука би ја споменал помошта на семејствата на настраданите во несреќата кај Лескарци, но и низа донации кои ги направивме од почетокот на ковид кризата. При прекин на работењето заради пандемијата, и во услови на намален обем на работа и приходи, членките на АСОМ донираа опрема и средства во болниците во вкупен износ од над 5 милиони денари, како директна  поддршка на здравствениот систем во борбата со справување со коронавирусот.