Индустријата на игри на среќа е силен импулс за државната и локалната економија и стимул за други стопански гранки

Скопје, 17.12.2019 -Денеска, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) одржа брифинг за медиуми на кој, пред крајот на годината, се осврна на активностите реализирани во текот на 2019 и плановите за следната година.

На брифингот говореше Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски кој истакна:

„Индустријата на игри на среќа е силен импулс за државната и локалната економија, која учествува со 4% во БДП, придонесува со 253 милиони евра во државниот буџет, директно вработува 7.700, а индиректно 54.000 луѓе. Оваа индустрија е и стимул за други стопански гранки, особено компаниите за производство и продажба на мебел, компјутерска и телекомуникациска опрема, развој на софтвер, набавка и одржување на возен парк, наемнини на простор и др.“

Илијевски потсети и дека 3% од приходот од игрите на среќа одат во Агенцијата за спорт и млади, па така само во 2018 година благодарение на индустријата на игрите на среќа, обезбедени се 1 милион евра, директни инвестиции за развој на спортот и младите.

Во 2019 година, Асоцијацијата активно работеше на свое позиционирање на ниво на репрезент на индустријата на игрите на среќа во обложувалница, со цел организирано делување и остварување на правата за активно учество при носење на регулатива, а во насока на  подобрување и унапредување на законските и подзаконските одредби во областа на игрите на среќа во обложувалница.

Поттикнати од предлог измените на Законот за дислокација на обложувалниците, во март годинава, АСОМ спроведе и истражување на јавното мислење со цел реално да ги согледа состојбите на терен и перцепцијата на јавноста.

Согласно истото, 53% од испитаниците сметаат дека новиот закон нема да доведе до промена на навиките на спортско обложување, односно дека поголемо влијание имаат други фактори освен локацијата на објектите. Дека Законот е веќе строго и прецизно регулиран се изјасниле 61% од испитаниците, а повеќе од половина од граѓаните се согласуваат дека доколку се случат измените во законот, луѓето ќе продолжат да се кладат на црно 73% од испитаниците, ќе се кладат on-line 69%, а 53% сметаат дека ќе се поттикне сивата економија.

Во контекст на често споменуваните големи влогови, според истото истражување, 75% се изјасниле дека вложуваат максимум 200 денари, најчесто изјавувана сума е 100 денари, како причина за обложување 79% од играчите навеле забава и дружење со пријателите, а 74% дека преку играта го следат спортот.

Освен погоре споменатото, АСОМ годинава беше дел и од Меѓународна конференција за регионалните законски измени за игрите на среќа во организација на Европската организација на игри на среќа во Бања Лука, лансираше своја веб страна (www.asom.org.mk) и активно работеше на полето на општествената одговорност и како Асоцијација, но и сите нејзини членки поединечно.

Така, веднаш по несреќата кај Лескарци, АСОМ донираше 1,2 мил денари за семејствата на настраданите, Спорт Лајф целосно го обнови спортското игралиште во ОУ „Кочо Рацин“ и донираше медицински апарати во Детската клиника, Моцарт комплетно го обнови ракометното игралиште „Женска плажа“ во Струга и донираше медицински апарати во Детската клиника,  а Евро Тип, освен што е генерален спонзор на одбојкарскиот и фудбалскиот тим на Пелистер има реализирано бројни донации во образовни, спортски и медицински установи. „Согласно нашата стратегија за следната година, предвидуваме кампањи и програми за едукација на  вработените и играчите за неопходноста од почитување на законите и правилата, за важноста од одговорно обложување и приредување на игри на среќа и подигање на свеста за можните негативни влијанија од истите. И во 2020 продолжуваме да создаваме услови за работа и кариера, активно да работиме на интензивирање на соработката со сите засегнати страни, активно се вклучуваме во носење и унапредување на регулативата, законите и подзаконските акти и секако, остануваме посветени на стратегијата за општествено одговорно делување и добробит за заедницата во која работиме“ – заклучи Илијевски.