Итно повлекување на предлог законот за игри на среќа – 10 000 вработени ќе останат на улица

Силна осуда на вчерашниот потег на Владата која на седница по предлог на Министерството за финансии ги утврди предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа и забавни игри, изрази Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ).

Од АСОМ потенцираа дека овој закон кој де јуре значи оддалечување на објектите за игри на среќа на 500 метри од училиштата, де факто е закон за гасење на индустријата, оставање на преку 10.000 вработени на улица и отворање широко врата за диви обложувалници и сива економија. 

„Прашуваме кој има интерес од ваков закон и зошто воопшто се предлага истиот? Сакам јасно да посочам дека анализите кои ги правевме и веќе неколку пати сме ги изнеле во јавноста јасно укажуваат дека се затвараат преку 92% од локалите со ваквиот закон, а со тоа целосно се уништува легалната индустрија на сметка на нелегалната.“- истакна претседателот на АСОМ Васко Илијевски обраќајќи се до медиумите пред Владата. 

Од АСОМ најавија дека ќе ја известат и Европската Унија дека неевропски закон ќе биде донесен со европско знаменце и ќе бараат итно да се спречи неговото донесување.

„Прашуваме, дали е вистина дека овој закон, како побрзо и без дебата би се протуркал ќе биде со европско знаменце или скратена постапка? Владата е должна веднаш да одговори бидјеќи тоа е незаконски и неиздржано според правилата за носење закони со европско знаменце. За ова ќе ја известиме Европката Унија и ќе бараме итно да се повлече законот од носење во таква процедура. Владата очигледно сака преку ноќ и без дебата да донесе закон во нечиј интерес, треба да одговорат во чиј.“- рече Илијевски.

Претседателот на АСОМ Илијевски во своето обраќање изрази сомнеж во однос на нетранспарентноста на донесувањето на предложените измени на Законот за игри на среќа, алудирајќи на тоа дека станува збор за смислено сценарио.

„Зошто предлог законот не е достапен на увид на претставниците на индустријата? Во која демократска и правна држава се носат закони без основна дебата и комуникација со претставниците на таа индустриска гранка? Ние кои сме директно погодени од најавените измени на законот сѐ уште не сме запознаени прецизно што сѐ измените предвидуваат, па со тоа добиваме индикација дека предложените измени намерно и смислено се кријат од нас!“- истакна претседателот на АСОМ Илијевски.

Според инфомарации достапни за АСОМ во новиот предлог закон повторно е изоставен делот со кој се овозможува приредувачите да организираат и онлајн обложување како во сите европски земји. 

„Дали под европско знаменце се носи неевропски закон кој штити монопол во организацијата на игри на среќа, односно од неодамна дуопол со отворање на вториот државен оператор? Денеска сме тука да испратиме апел дека нема мирно да стоиме и да дозволиме нашите вработени да останат без егзистенција. Истакнуваме дека од оваа стопанска гранка директно и индиректно редовни примања добиваат околу 54.000 луѓе!“ –рече Илијевски.

Од АСОМ предупредија дека ако се стави клуч на врата на легалните спортски обложувалници, обложувањето нема да запре и играчите ќе бараат алтернатива и обложувањето ќе се префрли на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите.

„Како пример може да ја посочиме Албанија која пред 4 години го забрани спортското обложување, а потоа беше сведок на апсења секоја недела поради дивите обложувања. Поучени од негативното искуство албанските власти најавија повторна легализација на спорстското обложување во првиот квартал на 2023 година. Дали нашата Влада има интерес да донесе закон со кој ќе ја направи грешката на Албанија? Дали ова се прави можеби намерно? Наместо да учиме од туѓите негативни искуства со предвидените законски измени директно одиме во амбис.“- посочи Илијевски. 

Од АСОМ истакнаа дека, ниедна европска земја нема ваков закон затоа што тој едноставно не функционира посочувајќи дека ваквите рестриктивни закони докажано носат спротивен ефект, кој отвора ново поле за нелегален профит и ризик за играчите. 

Асоцијацијата ги повтори своите барања за итно повлекување на предлог законот и формирање на работни групи помеѓу институциите и приредувачите со цел носење ефикасен и европски закон.

„ЕУ и претставниците на ЕУ во земјата да побараат увид во овој закон со кој се злоупотребува европското знаменце. Одговорно тврдиме дека нема правна основа истиот да се носи под европско знаменце, ниту по скратена постапка, а со тоа да се ускрати дебатата. Итно имплементирање на сугестиите кои ги даде АСОМ на неколку наврати на ЕНЕР ситемот на претходните верзии од законот; Пратениците одогворно да постапат и да свикаат дебата со цел да ги изложиме аргументите кои се целосно на наша страна.“-порача Илијевски. 

Од АСОМ потенцираа дека преку активно поддржување на едукативни кампањи и силна финансиска поддршка, како и директна работа во заедницата, може да се направи многу повеќе отколку со носење неефикасни закони и апелираа Собранието да работи во корист на државата и да го спречи донесувањето на овој штетен закон.

Претседателот на АСОМ Илијевски најави дека доколку Владата итно не ги прими на состанок и на било кој начин се обиде да го протурка законот ќе преземат радикалани чекори за заштита на вработените и индустријата. 

Со почит, АСОМ